Проектот „Потпри се на младите“ е финансиран од ЕУ и се спроведува од февруари 2022 година, а го спроведуваат Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), Рурална коалиција, Џуниор Ачивмент Македонија и ЕЛИТ – Здружение на жени менаџери.
Општата цел е подобрување на квалитетот на живот на младите во локалните заедници преку поттикнување и зголемување на младинскиот активизам и волонтеризам, а специфичната цел е зголемување на капацитетите на младите за организирано дејствување во локалните заедници кои припаѓаат на Североисточниот, Пелагонискиот, Полошкиот и Југозападниот плански регион, преку обезбедување техничка поддршка преку обуки, менторство и финансиска поддршка за нивните идеи. Со проектот ќе бидат поддржани активности насочени кон иновации во локалните заедници и активности кои го подобруваат просперитетот и социјалната економија на локално ниво.
Целна група се младинските заедници во руралните средини од горенаведените региони кои имаат ограничени капацитети и пристап за иницирање иновативни решенија за локални проблеми, мерки кои поддржуваат просперитет, вработување и социјални услуги во рамки на нивните заедници. Посебен фокус е даден на таргетирање на соработката со локалните младински совети и локалните младински клубови.
Со проектот се предвидени следните резултати:
– Идентификувани модели за вклучување на младите во процесот на давање услуги на руралното население во насока на социјално и економско зајакнување на руралните заедници.
– Создадена специјализирана програма за обука за активно делување на младите и жените во руралната заедница (давање услуги, развој на меки вештини, бизнис планови за одржливи бизниси и активности кои ќе го подобрат квалитетот на животот во руралната заедница).
– Најмалку 150 рурални млади и жени со развиени капацитети и вештини за активно вклучување во заедницата како даватели на услуги или основачи на социјални претпријатија.
– Формиран рурален локален младински совет во најмалку 3 рурални општини во пилот планските региони на работа.
– Формирани и поддржани најмалку 5 рурални младински клубови со развиени капацитети за младински активизам и креирање на социо-економски иницијативи во руралните заедници.
– Финансиски поддржани минимум 10 социо-економски иницијативи на Локалните младински клубови и совети со зајакнати организациски капацитети за спроведување на иницијативите.
– Промовирани позитивни примери и најдобри практики на успешни локални младински акции преку социјалните медиуми.
Главното влијание ќе биде поттикнати, подготвени и поддржани младински иницијативи за подобрен просперитет, социјална економија и иновации во локалната заедница, како и поддржани и операционализирани локални младински совети отворени за иницирање младински иницијативи засновани на локалните потреби.
Проектот е финансиран од Европската Унија и е со времетраење од 24 месеци.