You are currently viewing Жените менаџерки од „Елит“ ја избраа Македонка Димитрова за „Жена Лавица“

Жените менаџерки од „Елит“ ја избраа Македонка Димитрова за „Жена Лавица“

Членките на Здружението на жени менаџерки „Елит“ ја заокружија оваа успешна година којашто беше исполнета со повеќе средби, проекти, настани, како што беше женскиот економски форум „Балкан 2024“, со избор на Жена „Лавица“. 

Четврта година по ред, во месецот на претприемништвото, традиционално, жените менаџерки со гласање го спроведоа изборот за  тековната година, а  во согласност со програмските активности и мисијата женското претприемништво и лидерство во бизнисот да станат значаен фактор во македонската економија.

Меѓу 11 силни жени лидерки, коишто беа номинирани за жена „Лавица“ за 2024 година е избрана Македонка Димитрова, којашто во текот на годинава несебично се ангажираше за остварување на проектните активности на „Елит“.  Димитрова, преку својата истрајност,  инспиративност,  иновативност и заложба за родова еднаквост и лидерство е пример за жена „Лавица“ и на професионален и на личен план.

Целта на доделувањето на ова признание е да се афирмира женското претприемништво и женското лидерство кои придонесуваат за поголем  економски развој и за подобра иднина во општеството. 

Врз основа на учеството на членките во  активностите за реализација на програмските активности, преку промовирање и афирмација на Здружението и заложби за женското лидерство, членките на „Елит“ избраа уште 4 жени на кои им беа доделени благодарници за особен придонес со цел да ги мотивираат сите членки. По пат на менторство, односно секоја членка има право да предложи жена лидер, Здружението беше збогатено со уште три нови силни жени менаџерки. 

„Уверени сме дека само со постојна надградба, инспирација и личен пример можеме да ги надминеме бариерите коишто се присутни во нашето општество. На крајот од годинава, упатувам порака до сите жени во земјава дека само заедно може да го направиме светот подобро место за живеење, работа, радости, успеси за сите“, истакна претседателката на Здружението на жени менаџерки „Елит“, Ленка Угриновска.

Leave a Reply