You are currently viewing Платформа-жени на одлучувачки позиции

Платформа-жени на одлучувачки позиции

Овој проект отпочна во декември 2019 година и финансиски е поддржан од Министерството за економија на Република Македонија  во рамките на Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2019 година.

За успешна реализација на проектот се изготви анкетен лист кој беше доставен до македонските компании. За добивање на повратни информации од анкетниот лист голема поддршка и соработка имавме пред се од Македонската Банкарска Асоцијација, Стопанската комора на Македонија, Сојузот на стопанските комори, Комората на северо-западна Македонија, МАСИТ и други организации за поголема вклученост на компаниите во овој проект.

Врз основа на резултатите од анкетниот лист спроведена е анализа на податоците и на крајот од проектот ќе биде објавен извештај и првата стартер база на жените на одлучувачки позиции во македонските компании.

Цели на проектот

  • Да се индентификува и анализира состојбата во претпријатијата во Република Северна Македонија во однос на вклученоста на жените во нивните управувачки структури.
  • Да се креира, развие и промовира стартер база на податоци за управувачките структури во претпријатијата во Република Северна Македонија која ќе биде јавна на нашата веб страна.
  •  Да се креира алатка за вмрежување на жените на управувачки структури во претпријатијата и жените претприемачки.
  •  Да се развие модел со препораки за вклучување на жените во процесот на донесување на одлуки, нивната застапеност во управувачките структури на претпријатијата, како и поттикнување на женското претприемништво.
  • Да се подигне свеста кај компаниите за значењето и поврзаноста помеѓу вклученоста на жената во управувачките структури и перформансот  и конкурентноста на претпријатијата , како и за придобивките од женското претприемништво.

Испратени се повеќе од 300 Анкетни листови, посетени се компании во осумте плански региони во РСМ и добиени се 115 одговори на Анкетните лисотви. Од нив имаше делумно непотполни одговори кои не можеа да се обработат и се користени 101 компанија во анализата и истражувањето.

Нашето предвидување дека жените кои се на одлучувачки позиции во компаниите се поотворени за соработка се потврди, бидејќи најголем број од анкетните прашалници беа пополнети токму од нив.
Исто така, не може а да не ја споменеме и незаинтерасираноста на компаниите кон сите анкети, прашалници и испитувања на јавното мислењe што говори за потребата за едукација на раководните кадри во тој дел.

Анализата и истражувањето опфатија 16 града од сите 8 плански региони во кои се обработија податоци за вклученоста на жените во управувачките структури (управни и надзорни одбори) и во менаџерските структури, нивното образование и возраст.Најголем број на компании се во Скопје кои се 59% од вкупниот број компании.

Од анализата излегоа следниве заклучоци:

  1. Податоците покажуваат дека жените во компаниите се недоволно застапени во управните и надзорните одбори. Моменталниот просек од обработените компании за учеството на жените во управувачките структури е 28,7%, а треба да достигне до 40% според европските насоки до 2020 година .Овој просек се должи пред се на банкарскиот сектор кој беше најзастапен, осигурителниот и неколку големи производни компании.
  2. Степенот на застапеност на жените се намалува, како што се зголемува нивото на позицијата, односно жените се изразено малку застапени на највисоките раководни позиции.
  3. Најмала застапеност на жените е утврдена на позицијата претседател на управните и надзорните одбори.
  4. Во менаџерските структури во однос на менаџерските тимови во компаниите учеството на жените е до 44% (банки, услуги, текстил) , но во однос на вкупно вработени жени во обработените компании се движи од 2,,64%-4,73%. И во менаџерските структури, функцијата Генерален директор најчесто припаѓа на маж , освен во текстилна каде најчесто оснивачи се жени.
  5. Утврдената мала застапеност на жените, не се должи само на структурните пречки за родовата еднаквост, како што е на пример фактот дека на жените заради традиционалната распределба на улогите во рамките на семејството им е потешко да се одлучат за работни места и должности кои бараат поголемо временско ангажирање. Во овој контекст мора да се напомене дека во компаниите се уште постои суптилно фаворизирање надвор од општите критериуми за избор
  6. Мало е учеството на жени на одлучувачки позиции на возраст од 29-39 години кои се најпродуктивни и најефикасни за работа и треба да се менува возрасната раководна структура во компаниите.
  7. Образованието на жените на одлучувачки позиции е на ниво кое треба да се одржува.

Врз основа на собраните податоци, извршената анализа и наведените заклучоци, сметаме дека е потребно да се предложат / препрачаат следните мерки:

  • Значајно да се зголеми правната контрола за почитување на обврските согласно постојната законската регулатива кои ја гарантираат родовата еднаквост, односно нивна доследна имплементација и да се воведат санкции кои засега не постојат (Уставот , Законот за еднакви можности на жените и мажите, Законот за работни односи, Законот за спречување и заштита од дискриминација) за да се постигне врамнотеженост на застапеноста на жените на сите нивоа на раководните позиции, односно во управните и надзорните одбори на деловните субјекти.
    • Да се донесат системски мерки за постигнување на 40%-50% застапеност на жените на одлучувачки позици во управувачките структури. Неопходно е споделување и користење на методологијата и препораките на ЕУ за надминување на општествените бариери во процесот на зголемувањето на учеството на жените на раководните и управувачките позиции во компаниите
    • Неопходно е да се креираат конзистентни и интегрирани политики и програми кои ќе најдат примена во праксата и кои ќе ја поддржат родовата избалансираност во секојдневните обврски на жените во семејството, децата, домаќинството и постарите лица.
    • Да се подобри амбиентот за напредок на жените во бизнисот преку градење институционална инфраструктура за поддршка во сите сфери на општеството
  • Деловните субјекти да донесат интерни правилници кои ќе регулираат механизми за намалувањето на дискриминацијата во делот на застапеноста на жените на одлучувачки позиции, односно механизми за напредок во нивната кариера.
  • Законски да се обврзат деловните субјекти за превземање на позитивни мерки за сузбивање на родовиот дисбаланс, односно промовирање на рамнотежа меѓу родовите.
  • Да се воспостави законска обврска за водење родово чуствителна статистика за сите аспекти на бизнисот;
  • Законска обврска на приватните деловни субјекти да ги стават на располагање на своите вработени, кои се сметаат за дискриминирани, сите податоци и информации за:
  • Критериуми за вработување и унапредување,
  • Како се спроведуваат постапките за вработување и унапредување,
  • Податоци за бројот на вработени расчленети по род,
  • Информации за видот на работните места и начинот на пондерирање на работното место
  • Законска обврска за дизајнирање и спроведување позитивни мерки за постигнување врамнотежена застапеност на жените и мажите на сите работни места, со прецизни причини за воведување на специфична мерка, целите што треба да се постигнат и временскиот период во кој ќе се постигнат целите;
  • Потребно е мотивирање на жените и нивно насочување кон позитивните примери за зајакнување капацитетите за раководни и управувачки позиции во РСМ.Организирање на едукативни настани, низ кои ќе се осознаат искуствата на професионално реализирани и успешни личности – кои ќе ги споделат своите искуства, потешкотии и начинот на премостување за да ги охрабрат жените да се одважат и да прифатат одлучувачки позиции.

На 03.03.2020 се одржа завршната тркалезна маса на Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје на која учествуваа истакнати личности во зeмјава носители на раководни функции од деловниот свет и политиката и на која беа презентирани Анализата, Извештајот од Проектот и Платформата на жени на одлучувачки позиции. На тркалезната маса како говорнички  учествуваа Ѓулумсере Касапи, претседател на Клубот на пратенички при Собранието, Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопанските комори на Македонија и Анета Пешева, претседател на МАСИТ и директор на УНЕТ, додека настанот го отвори Ленка Угриновска од Елит.

Анализата и истражувањето од Проектот го презентираше доц.д-р Љубиша Георгиевски, додека претставникот од Комерцијална банка Љупчо Фармаковски даде посебен осврт на застапеноста на жените во управувачките и менаџеските структури во банкарскиот сектор.Дискусијата беше отворена за сите присутни, при што сите говорнички го презентираа искусуството со родовата застапеност на жените во своите сфери и се потврди значајната улога на жената која може да ја има во македонската економија и политика за подобар општествен живот.

„Нашата цел беше да се креира Платформата како алатка за вмрежување на жените на управувачки структури во претпријатијата и жените претприемачи, како и да се развие модел со препораки за вклучување на жените во процесот на донесување одлуки, нивната застапеност во управувачките и менаџерските структури на претпријатијата, како и поттикнување на женското претприемаштво” истакна на крај Угриновска.

Креаирана е првата стартер база на жени на раководни позиции која е објавена на нашата веб страна и која постојано ќе се надополнува.

Leave a Reply