На 2 април, во просториите на Граѓанскиот ресурсен центар во Скопје, во организација на ЕЛИТ – здружение на жени менаџери, се одржа интерактивната трибина „Жената и менопаузата“. Настанот отвори значајна тема за која сè уште недоволно се зборува во нашето општество, создавајќи простор за едукација, споделување искуства и поддршка.
Трибината обедини експерти од различни области кои понудија сеопфатен пристап кон разбирањето на менопаузата. Говорнички на настанот беа Ирена Јакимова, меѓународен тренер и основачка на Inspirit Coaching, д-р Татјана Гуржанова, гинеколог-акушер, како и д-р Марија Илиовска, ендокринолог и нутриционист.
Преку нивните стручни излагања, присутните имаа можност да се запознаат со биолошките, менталните, ендокринолошките и нутриционистичките аспекти на менопаузата. Се разговараше за хормоналните промени, влијанието врз менталното здравје, значењето на правилната исхрана, како и практични совети за полесно справување со предизвиците што ги носи оваа животна фаза.
Посебен акцент беше ставен на важноста од отворена комуникација и разбивање на стигмата околу менопаузата. Наместо да се гледа како крај на една етапа, менопаузата беше претставена како период на трансформација – време кога жената станува позрела, посамосвесна и подготвена да направи позитивни промени во својот живот и во општеството.
Интерактивниот карактер на трибината овозможи активно учество на присутните, кои поставуваа прашања, споделуваа лични искуства и создадоа атмосфера на доверба и поддршка. Ова уште еднаш ја потврди потребата од вакви настани кои отвораат важни теми и ги поврзуваат жените.
ЕЛИТ останува посветен на создавање платформи за едукација, дијалог и зајакнување на жените во сите фази од нивниот живот.
Искрена благодарност до говорничките и до сите присутни кои придонесоа за овој значаен и инспиративен настан.



