ПРОЕКТИ ВО МК

ПРОЕКТ:  Платформа-жени на одлучувачки позиции

Овој проект отпочна во декември 2019 година и финансиски е поддржан од Министерството за економија на Република Македонија  во рамките на Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2019 година.

За успешна реализација на проектот се изготви анкетен лист кој беше доставен до македонските компании. За добивање на повратни информации од анкетниот лист голема поддршка и соработка имавме пред се од Македонската Банкарска Асоцијација, Стопанската комора на Македонија, Сојузот на стопанските комори, Комората на северо-западна Македонија, МАСИТ и други организации за поголема вклученост на компаниите во овој проект.

Врз основа на резултатите од анкетниот лист спроведена е анализа на податоците и на крајот од проектот ќе биде објавен извештај и првата стартер база на жените на одлучувачки позиции во македонските компании.

Цели на проектот

  • Да се индентификува и анализира состојбата во претпријатијата во Република Северна Македонија во однос на вклученоста на жените во нивните управувачки структури.
  • Да се креира, развие и промовира стартер база на податоци за управувачките структури во претпријатијата во Република Северна Македонија која ќе биде јавна на нашата веб страна.
  •  Да се креира алатка за вмрежување на жените на управувачки структури во претпријатијата и жените претприемачки.
  •  Да се развие модел со препораки за вклучување на жените во процесот на донесување на одлуки, нивната застапеност во управувачките структури на претпријатијата, како и поттикнување на женското претприемништво.
  • Да се подигне свеста кај компаниите за значењето и поврзаноста помеѓу вклученоста на жената во управувачките структури и перформансот  и конкурентноста на претпријатијата , како и за придобивките од женското претприемништво.

Испратени се повеќе од 300 Анкетни листови, посетени се компании во осумте плански региони во РСМ и добиени се 115 одговори на Анкетните лисотви. Од нив имаше делумно непотполни одговори кои не можеа да се обработат и се користени 101 компанија во анализата и истражувањето.

Нашето предвидување дека жените кои се на одлучувачки позиции во компаниите се поотворени за соработка се потврди, бидејќи најголем број од анкетните прашалници беа пополнети токму од нив.
Исто така, не може а да не ја споменеме и незаинтерасираноста на компаниите кон сите анкети, прашалници и испитувања на јавното мислењe што говори за потребата за едукација на раководните кадри во тој дел.

Анализата и истражувањето опфатија 16 града од сите 8 плански региони во кои се обработија податоци за вклученоста на жените во управувачките структури (управни и надзорни одбори) и во менаџерските структури, нивното образование и возраст.Најголем број на компании се во Скопје кои се 59% од вкупниот број компании.

Од анализата излегоа следниве заклучоци:

  1. Податоците покажуваат дека жените во компаниите се недоволно застапени во управните и надзорните одбори. Моменталниот просек од обработените компании за учеството на жените во управувачките структури е 28,7%, а треба да достигне до 40% според европските насоки до 2020 година .Овој просек се должи пред се на банкарскиот сектор кој беше најзастапен, осигурителниот и неколку големи производни компании.
  2. Степенот на застапеност на жените се намалува, како што се зголемува нивото на позицијата, односно жените се изразено малку застапени на највисоките раководни позиции.
  3. Најмала застапеност на жените е утврдена на позицијата претседател на управните и надзорните одбори.
  4. Во менаџерските структури во однос на менаџерските тимови во компаниите учеството на жените е до 44% (банки, услуги, текстил) , но во однос на вкупно вработени жени во обработените компании се движи од 2,,64%-4,73%. И во менаџерските структури, функцијата Генерален директор најчесто припаѓа на маж , освен во текстилна каде најчесто оснивачи се жени.
  5. Утврдената мала застапеност на жените, не се должи само на структурните пречки за родовата еднаквост, како што е на пример фактот дека на жените заради традиционалната распределба на улогите во рамките на семејството им е потешко да се одлучат за работни места и должности кои бараат поголемо временско ангажирање. Во овој контекст мора да се напомене дека во компаниите се уште постои суптилно фаворизирање надвор од општите критериуми за избор
  6. Мало е учеството на жени на одлучувачки позиции на возраст од 29-39 години кои се најпродуктивни и најефикасни за работа и треба да се менува возрасната раководна структура во компаниите.
  7. Образованието на жените на одлучувачки позиции е на ниво кое треба да се одржува.

Врз основа на собраните податоци, извршената анализа и наведените заклучоци, сметаме дека е потребно да се предложат / препрачаат следните мерки:

  • Значајно да се зголеми правната контрола за почитување на обврските согласно постојната законската регулатива кои ја гарантираат родовата еднаквост, односно нивна доследна имплементација и да се воведат санкции кои засега не постојат (Уставот , Законот за еднакви можности на жените и мажите, Законот за работни односи, Законот за спречување и заштита од дискриминација) за да се постигне врамнотеженост на застапеноста на жените на сите нивоа на раководните позиции, односно во управните и надзорните одбори на деловните субјекти.
    • Да се донесат системски мерки за постигнување на 40%-50% застапеност на жените на одлучувачки позици во управувачките структури. Неопходно е споделување и користење на методологијата и препораките на ЕУ за надминување на општествените бариери во процесот на зголемувањето на учеството на жените на раководните и управувачките позиции во компаниите
    • Неопходно е да се креираат конзистентни и интегрирани политики и програми кои ќе најдат примена во праксата и кои ќе ја поддржат родовата избалансираност во секојдневните обврски на жените во семејството, децата, домаќинството и постарите лица.
    • Да се подобри амбиентот за напредок на жените во бизнисот преку градење институционална инфраструктура за поддршка во сите сфери на општеството
  • Деловните субјекти да донесат интерни правилници кои ќе регулираат механизми за намалувањето на дискриминацијата во делот на застапеноста на жените на одлучувачки позиции, односно механизми за напредок во нивната кариера.
  • Законски да се обврзат деловните субјекти за превземање на позитивни мерки за сузбивање на родовиот дисбаланс, односно промовирање на рамнотежа меѓу родовите.
  • Да се воспостави законска обврска за водење родово чуствителна статистика за сите аспекти на бизнисот;
  • Законска обврска на приватните деловни субјекти да ги стават на располагање на своите вработени, кои се сметаат за дискриминирани, сите податоци и информации за:
  • Критериуми за вработување и унапредување,
  • Како се спроведуваат постапките за вработување и унапредување,
  • Податоци за бројот на вработени расчленети по род,
  • Информации за видот на работните места и начинот на пондерирање на работното место
  • Законска обврска за дизајнирање и спроведување позитивни мерки за постигнување врамнотежена застапеност на жените и мажите на сите работни места, со прецизни причини за воведување на специфична мерка, целите што треба да се постигнат и временскиот период во кој ќе се постигнат целите;
  • Потребно е мотивирање на жените и нивно насочување кон позитивните примери за зајакнување капацитетите за раководни и управувачки позиции во РСМ.Организирање на едукативни настани, низ кои ќе се осознаат искуствата на професионално реализирани и успешни личности – кои ќе ги споделат своите искуства, потешкотии и начинот на премостување за да ги охрабрат жените да се одважат и да прифатат одлучувачки позиции.

На 03.03.2020 се одржа завршната тркалезна маса на Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје на која учествуваа истакнати личности во зeмјава носители на раководни функции од деловниот свет и политиката и на која беа презентирани Анализата, Извештајот од Проектот и Платформата на жени на одлучувачки позиции. На тркалезната маса како говорнички  учествуваа Ѓулумсере Касапи, претседател на Клубот на пратенички при Собранието, Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопанските комори на Македонија и Анета Пешева, претседател на МАСИТ и директор на УНЕТ, додека настанот го отвори Ленка Угриновска од Елит.

Анализата и истражувањето од Проектот го презентираше доц.д-р Љубиша Георгиевски, додека претставникот од Комерцијална банка Љупчо Фармаковски даде посебен осврт на застапеноста на жените во управувачките и менаџеските структури во банкарскиот сектор.Дискусијата беше отворена за сите присутни, при што сите говорнички го презентираа искусуството со родовата застапеност на жените во своите сфери и се потврди значајната улога на жената која може да ја има во македонската економија и политика за подобар општествен живот.

„Нашата цел беше да се креира Платформата како алатка за вмрежување на жените на управувачки структури во претпријатијата и жените претприемачи, како и да се развие модел со препораки за вклучување на жените во процесот на донесување одлуки, нивната застапеност во управувачките и менаџерските структури на претпријатијата, како и поттикнување на женското претприемаштво” истакна на крај Угриновска.

Креаирана е првата стартер база на жени на раководни позиции која е објавена на нашата веб страна која постојано ќе се надополнува.

ПРОЕКТ:

„Женско лидерство во бизнисот “ 

Овој  проект  го спроведуваме од 2014 година со самофинансирање и е во рамките на нашите програмски активности. Женското лидерството го толкуваме како економска категорија, а не феминистичко.  Лидерството полека, но сигурно станува двополова професија, а   компаниите каде има повеќе застапени  жени на раководни функции станауваат   поконкурентни, општествено поодговорни  и со  зголемена  социјалната правда. Економското јакнење на жените директно влијае на намалување  родовата нееднаквост во бизнисот, која е една од фундаменталните цели на Европската Унија која има поставено таргет, жените до 2020 година да бидат застапени во Надзорните и Управните одбори во компаниите  со 40%. Во рамките на ЕУ веќе постојат прифатени позитивни препораки, мерки и регулативи со кои се овозможува подобрување на балансот помеѓу мажите и жените во бизнисот. Тие не се облигаторни па токму затоа не се ни прифатени од сите членки на ЕУ (13 земји имаат воведено системски квоти,а последна е Германија). Земјите каде се воведени системски мерки покажале подобри резултати и кај нив до 20% годишно се  зголемува учеството на жените на водечките позиции, додека во земјите каде нема мерки се бележи годишен раст од  само 2% .Просекот на учеството на жените во управувачките органи  во ЕУ е 23 %

Иако согласно Уставот и останатите владини документи и стратегии, ние сме равноправни во сите сфери од општествениот живот, во пракса не е така. Како и секаде во светот така и кај нас,    постои родов дисбаланс во бизнисот кој треба да се надмине, а за тоа е потребно време, критична маса и нови ветрови  во економијата и политиката. Во Република Македонија во 44% од компаниите немаени во управувачките органи.Во компаниите каде жените се застапени во управните и надзорните одбори, учеството на жените се движи од 2% до 19.5%.

За жал, нема да биде  лесно да се одземе приматот на мажите во бизнисот, каде сеуште  владеат предрасудите, стереотипноста, менталитетот, патријахалноста, традициите, културолошки и религиозни бариери, секторската сегрегација, нееднакво вреднување на трудот  и слично.

Проектот „Женско лидерство во бизнисот“ содржи четири фази:

  • Подигање на свесноста за економската моќ на жените.
  • Истражување и создавање на база на податоци за жените на одлучувачки позиции во бизнисот.
  • Медиумска кампања  за создавање услови и добивање критична маса за зголемен број на жени на одлучувачки позиции
  • Покренување и иницијатива  до законодавниот дом за воведување на системски мерки за зголемување на учеството на жените во надзорните и управните органи во соработка со останатите женски асоцијации и јавниот сектор.

Во рамките на првата фаза одржани се повеќе трибини и работилници на кои кои досега присуствуваа над 2000 жени претприемачи од различни женски здруженија и наши членки. Сите теми се актуелни и со врвни експерти во својата област. Овии трибини сеуште продолжуваат да се оддржуваат. Ќе споменеме неколку од спроведените трибини.

На 09.11.2023 год. Здружението на жени менаџери ЕЛИТ одржа трибина на тема „Енергизирај за да водиш, поттикни за да успееш“ на Универзитетот Скопје

Овој охрабрувачки настан е дизајниран исклучиво за жени лидерки како вас/нас, и ветува инспиративно патување кон искористување, зачувување и трансформирање на енергијата во секој аспект од вашиот професионален и личен живот.

Темата ја одразува нашата посветеност за зголемување на знаењето, енергизирање на духот и подигање женските лидерски вештини.

Говорничката Македонка Димитрова од Институтот за одржливост сподели вредни сознанија за тоа како можете да ја оптимизирате употребата на енергија, да ги намалите трошоците и да придонесете за одржлива иднина. Како жени лидерки, имаме единствена можност да ги насочиме нашите организации кон одржливи практики, намалувајќи го влијанието врз животната средина, а истовремено зголемувајќи ја профитабилноста.

Говорничката Ирена Јакимова од Инспирит Коучинг говореше на тема :Личната енергија како ресурс на работното место

Да се откријат методите  и техниките  за ефикасно управување со вашата лична енергија од Вашата благосостојба е клучна за вашето лидерско патување. Во свет каде што барањата за нашето време и енергија можат да бидат немилосрдни, од клучно значење е да научиме како да правиме свесни избори, да ја насочиме нашата енергија кон нашите цели и да се осигуриме дека нема да се исцрпиме себеси во тој процес.

Дека„Животот е чудо “ говореше  Мирјана Марковска од здружението Хоуп која го промовираше ова здружение за поддршка на луѓето со афзија.

Он лајн трибина одржана на 08.11.2021

Франшизата е бизнис модел за проширување на веќе постоечки бизнис или за започнување на нов бизнис со превземање на трговска марка и бренд на некоја компанија која веќе работи со докажан успех.Во услови на пандемија и светска економска криза сакаме како здружение да ги охрабриме и поттикнеме жените да отпочнат свој бизнис користејќи ја франшизата како модел. За тоа што е франшизен модел на бизнис , кои се предностите а кои слабостите на истиот и други интересни информации за франшизата ни презентираше нашата членка,  Доцент д-р Вера Бошковска, од Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје која воедно е и Претседател на Здружението  ” Македонkсата асоцијација за франшиза во Македонија “.

Трибината предизвика голем интерес кај учесниците и се разви динамична иинтерактивна дискусија со предлог за уште една трибина на оваа тема и со учесници кои ја практикуват франшизата во својот бизнис

Втора он лајн трибина

На 18.05.2021 се одржа втората  онлајн трибина во рамките на нашито проект„Женско лидерство во бизнисот“  на тема СТРАВОТ КАКО СОПАТНИК.

Оваа тема е секогаш актуелна, особено сега во време на пандемијата бидејќи стравот е дел од нашиот живот и доколку таа емоција ја направиме наш сојузник, полесно ќе ги совладаме предизвиците во животот и ќе бидеме поуспешни во сите полиња. Сите следбеници на трибината изразија задовоство за истата. Предавачка беше Ирена Јакимова- професионален тренер за личен и деловен  успех, сопственичка на компанијата Инспирит коучинг.

Трибина 

14.11.2018 во УТМС со тема – Професионален стрес, зошто настанува синдром на согорување  (Burn–out)

Презентеркa : М-р Катерина Наумовска-Ристовска, магистер по психолоши науки, клинички лиценциран психолог, сертифициран тренер по емоционална писменост од Психополис институтот во Белград. На почетокот од трбината, потпреседателката  на Елит,  Мирјана Марковска со куса презентација го претстави нашето здружение.

Тематската  Презентација на М-р Катерина Наумовска-Ристовска беше интерактивна и следена со голем интерс од сите присутни.

На крајот, беа доделени Благодарници за нивното лично залагање и придонес за реализација на програмските активности на Елит на М-р Катерина Наумовска-Ристовска и на Весна Миладиновска една од оснивачките на нашето здружение.

Под менторство на Мирјана Марковска  доделена е пристапница за членство во ЗЖМ Елит на Слаѓана Стаменкова, сопственичка на туристичката агенција Елите Травел – Скопје.

Трибина 

26.12.2023 во УТМС на тема – Бизнис и убавина

На 26 во декември во Универзитетот Скопје одржавме уште една успешна трибина  „Бизнис и убавина” каде говорнички беа Весна Ристевска од здружението на жени „Оснажени” од Нови Сад која ја презентираше нивната регионална платформа на жени претприемачи и Сузана Блажевска од АфродитаС која ги презентираше најновите трендови во козметиката.

Беа доделени благодарници на повеќе членки за нивната посветеност за реализација на програмските активности на Елит и јакнењето на женското лидерство во бизнисот.

Трибина 

 29.05.2018 во УТМС на тема -Жени на раководни позиции

Презентери:

Ленка Угриновска – Претседател на Елит која го презентираше Извештајот од успешно реализираниот проект „Зголемување на бројот на жени на одлучувачки позиции во Управни и Надзорни одбори во приватните компании во Република Македонија“ кој беше финансиски поддржан од Министерствто за економија на Република Македонија;

Проф.Д-р Виолета Миленковска  на тема – Положбата и улогата на жената во деловниот свет;

Марија Танасоска на тема – Олеснување на пристап до традиционални и алтернативни финансиски извори потпомогнат од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем.

Трибина 

16.11.2017 во УТМС со тема – Своја и успешна

Презентери: Анета Мачковски-  Адвокат, во областа на семејно право, менаџмент на канцеларија со висок обем на предмети, обука на адвокати и надзор на вработените како и супервизија на сите фази на процесот на решавање на случаите на тема – Кога јас бев Своја и Денот беше Совршен и М-р Катерина Наумовска-Ристовска, магистер по психолоши науки, клинички лиценциран психолог, сертифициран тренер по емоционална писменост од Психополис институтот во Белград на тема – Како да останете свои користејќи ја моќта на СТРОУКОВИТЕ за зголемување на себепочитувањето и личната моќ, а редукција на негативните самокритики.

Поаѓајќи од фактот дека Република Македонија е традиционално патријахална, за жал единствен начин да се постигне родовиот баланс во бизнисот е воведувањето на системски мерки со кои ќе се зголеми учеството на жените на одлучувачки функции. Проектот Женско лидерство содржи четири етапи:

  • Подигање на свесноста за економската моќ на жените.
  • Истражување и создавање на база на податоци за жените лидерки во бизнисот.
  • Медиумска кампања  и организирање на годишни форуми на жени лидерки на локално, регионално и светско ниво.
  • Покренување и иницијатива  до законодавниот дом за воведување на системски мерки за зголемување на учеството на жените во надзорните и управните органи во соработка со останатите женски асоцијации и јавниот сектор.

Трибина 

22.06.2017 во УТМС со тема – Финансиски извештаи и финансиска анализа. Зошто?

Презентери: Ксенија Чаминска –  предавач и говорник на ЦЕЕД , Македонија; сопственик и управите на даночен консалтинг,  финансии и сметководство „Професионал акаунт“ на тема – финансиски извештаи и Владимир Давчев – експерт за финансии,  сопственик и директор на   финансиски  организаторски консалтинг  „Таурус“ на тема-финасиска анализа.

Трибина 

26.05.2017 во УТМС со тема – Како до финансиски ресурси.

Презентери: Нела Јолевска –  Соња Ингилизова –  аналитичар, Тим поддршка на мали бизниси, Европска банка за обнова и развој на тема – Раст на мали бизниси; Симона Шошолчева – Развојна фондација Кримсон на тема – Развој на мали и средни претпријатија преку иновативно финансирање и Владимир Давчев – експерт за финансии на тема – Замки во финансирањето.

Трибина 

07.03.2017 во УТМС со тема – Разбуди ја жената и моќта во себе.

Презентери: Нела Јолевска –  Директор на EQ Excellence, Тренер за развој на емоционалната интелигенција на Тренинг  на тема „Разбуди ја жената и моќта во себе“.

Трибина 

25.11.2016 во УТМС со тема – Коучинг во функција на подобрување на деловната комуникација и лидерството и улогата на емоционалната интилигенција при донесување квалитетни деловни одлуки.

Презентери : Др Ристо Иванов -Претседател на Здружение на бизниси и Консултанти „Креација“,

Нела Јолевска – Директор на EQ Excellence,Тренер за развој на емоционалната интелигенција и

Лолита Чекреџи – Претседател на “Зонта”

Здружението Елит и додели Благодарница на нашата членка проф. д-р Виолета Миленковска за нејзините особени заложби за успешно организирање на нашите трибини во УТМС и за реализација на нашите програмски активности

Трибина 

13.10.2016 во УТМС со тема – Меѓународни грант програми во Македонија  презентери : Зоран Стојковски ,извршен директор на Проефект – Искористување  на грант програмите на ЕУ и други билатерални донатори во Македонија и  Жаклина Гештаковска Алексовска, експерт за родови прашаања во Швајцарската фондација за техничка соработка – Соработка со Програмата за пазарна  вработливост на СДС имплементирана од Swisscontact со локалниот партнер  Преда. Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Универзитетот за туризам и  менаџмент Скопје и ЕЛИТ претставувани од Ректорот проф. д-р Аце  Миленковски и Претседателката Ленка Угриновска (www.utms.edu.mk)

Трибина 

• 17.05.2016во УТМС со Тема: “Деловна комуникација“, презентери: доц.д-р Валентина Муцунска при УТМС – “Ефективни техники за вербална и визуелна деловна комуникација“, Јасмина Илиевска, менаџер и консултант за бизнис и менаџмент – “Разликите во деловните комуникации кај мажите и жените“ и Марина Анчевска, оснивач на Центар за бизнис и психологија, тренер за личен развој со НЛП техники – “Бизнисот се луѓето, луѓето се бизнисот“.

Трибина 

• 23.03.2016 во УТМС со Тема: “Жени-лидерки во бизнисот (Втор дел)“, презентери Јулијана Прчковска, Бренд Комуникатор во Мади Груп – “Активно слушање“, Весна Кардалевска, ЦЕЕД, тренер за личен развој со НЛП техники – “Деловна комуникација и управување со конфликтни ситуации“ и м-р Мирјана Марковска, адвокат, потпретседател на ЕЛИТ – “Деловно вмрежување“.

Трибина 

• 16.12.2015 во УТМС со Тема: “Жени-лидерки во бизнисот (Прв дел)“, презентери: проф.д-р Александра Стоилковска при УТМС – “Феноменот на лидерството“ , Јулијана Прчковска, Бренд Комуникатор во Мади Груп – “Економија која вреднува емоционална интелигенција“ и проф. д-р Ирена Николова – “Жени-Лидери“.

Трибина 

• 27.03.2015 во “Хотел Мрамор“®-Дом Далеку Од Домот® со Тема: “Пристап кон финансиски средства (Втор дел)“, презентери: г-дин Александар Стаменковски, директор на Сектор за кредитирање и финансии – “Поддршка на малите и средни претпријатија и извозот преку Македонска банка за подршка на развојот“ и г-ѓа Елеонора Згоњанин, Управител на штедилница ФУЛМ – “Пристап до финансиските услуги за жените“.

Трибина 

• 10.12.2014 во “Хотел Мрамор“®-Дом Далеку Од Домот® со Тема: “Пристап кон финансиски средства (Прв дел)“, презентери: г-а Маја Антевска (ЕБРД) – “Презентација на Програмата за поддршка на женското претприемништво“ и м-р Мирјана Марковска, адвокат и потпретседател на ЕЛИТ – “Медијација и арбитража версус судска постапка“.

Проект „ГОЛЕМО СРЦЕ“ 2024

Здружението на жени менаџерки „Елит“, на 09.02.2024 год. традиционално, трета година по ред ја додели наградата „Големо срце“ на Мариа Дуда, моќна млада  жена која прави добрини преку нејзиниот социјален бизнис. Таа има свој ранч “The country side“ во село Ранковце, кај Крива Паланка, каде што ги вдомува болните животни, ги лекува, а потоа тие, особено коњите ги лекуваат децата од ранливите групи со хипотерапија. На тој начин таа го развива својот социјален бизнис и ги усреќува децата и болните луѓе кои во друштво на животните ја забораваат својата тага, болка и недостатци. 

Годинава плакатата  „Големо срце“ ја додели членката на Здружението на жени менаџерки  „Елит“Андреа Илоска,  менаџерка на „Инекс Олгица “- Охрид која е ќерка на починатата потпреседателка на „Елит“ Олгица  Илоска во чија чест се доделува оваа награда. 

Исто така ЗЖМ Елит донираше  финансиски средства кои ќе  се искористат за ветеринарни услуги и нега  на  животните, кои пак преку својата љубов ќе ги направат среќни децата, но и возрасните  со посебни потреби. Со тоа  продолжуваме со  визијата да го направиме светот подобар и подостоинствен за сите.

Проект „ГОЛЕМО СРЦЕ“ 2022

Оваа година, традиционалната награда „ГОЛЕМО СРЦЕ“ нашето здружение Елит ја додели на тимот од домот за бездомници Момин Поток при Црвениот Крст за нивните заложби и посветеност да помогнат на една од најранлиливите грпи ,бездомниците  и нивната подадена рака тие да се чуствуваат достоинствено.

Веруваме дека нашате активности , доделување оброк, топла облека, медикаменти, лекарства, средства за лична хигиена и др. на бездомниците предизвика тие  барем за момент се чуствуваат среќно  и ќе поттикне и другите  да го сторат тоа и шират добрини за подобар свет за сите.

Подадете рака за насмевка и среќа!!!

Проект „ГОЛЕМО СРЦЕ“ 2021

Во чест на нашата Потпреседателка и една од оснивачките на нашето здружение Елит, Олгица Илоска која за жал прерано не напушти од оваа година на денот на нејзиниот роденден 8 фебруари почнуваме традиционално со доделување Благодарница ГОЛЕМО СРЦЕ.

Нашата цел е да ја продолжиме нејзината визија за еден подобар и похуман свет и споделување добрини во нашата земја и пошироко

Нашата Олгица беше жена со силна емоционална топлина, со неверојатно отворен ум и со големо срце и со нејзината енергија не сплотуваше сите нас и несебично се залагаше за почовечни односи меѓу луѓето.

Првиот добитник на оваа Благодарница е Борче Стаменов со проектот „Донирај компјутер“ кој доделувајќи компјутери направи среќни многу деца и младинци и неговата хуманост стана препознатлива во целата земја.

Нашето здружение собра 10 стари компјутери кои му ги дадовме , но и финансиски го поддрживме за купување ИТ опрема за поправка на истите.

Овие 10 компјутери ги дониравме на Здружението на самохрани мајки „Една може“ со што го продолживме циклусот на споделувањето добрини меѓу луѓето .

ЖЕНА ЛАВИЦА 2023

На 23.11 2023  на Универзитетот Скопје, нашето здружение трета година по ред традиционално ја  организира манифестацијата избор на Жена Лавица за  тековната година во месецот на претприемништвото што е согласно на нашите програмски активности и мисија женското претприемништво и лидерство во бизнисот да  станат значаен фактор во македонската економија.

Целта на доделувањето на ова признание е да се афирмира женското претприемништво и женското лидерство и придонесот во економскиот развој кон подобра иднина во општеството  и  подобар живот за СИТЕ .

На тој начин  ја одразува нашата посветеност за зголемување на бројот на  успешните жени на ракводни позиции и нашата борба за родова еднаквост во бизнисот, општеството и во семејството.

Признанието ЖЕНА ЛАВИЦА за 2023 година е доделено на Проф.д-р Виолета Миленковска, професор на Универзитетот Скопје врз основа на нејзината улога за придонесот во развојот  на образованието, пренесување на менаџерските вештини и знаење на младите , како и заложби за  поттикнуваање и развој на женското претприемништво и лидерство.

При тоа се земени во предвид и  останатите  критериуми : професионалност, истрајност, инспиративност, одговорност, хуманост, иновативност и личен успех.

На оваа трибината дадовме акцент  на женското  претприемништво  преку презентацијата: Женско претприемништво- предизвици и перспективи

Говорничката Проф. д-р Наташа Ристовска, редовен професор на Универзитет Скопје и декан на Факултетот за претприемачки бизнис. Таа се осврна на  следниве аспекти од  женското претприемништво:  Концептот на женско претприемништво; Глобално истражување за женско претприемништво,  Индекс на глобален родов јаз; Клучни проблеми за развој на женското претприемништво;  Стратегиски приоритети и политики за поддршка на женското претприемништво

На крајот се промовираа новите  членки : Гордана Дувњак (менторка Соња Маџова) , Јована Маџова(менторка Ленка Угриновска) и Виолета Толевска (менторка Виолета Миленковска)

Изборот на новите членки е по пат на менторство при што се запазуват критериумите за професионлност, успешност и лидерство.

ЖЕНА ЛАВИЦА 2022

На 06.12.2022 се одржа традиционалната мананифестција Избор на ЖЕНА ЛАВИЦА за 2022 година на Универзитет за туризам и менаџмент, Скопје

На оваа манифестација , претседателката на Здружението Елит даде Извештај за работата и проектните активности на Елит во 2022 година. Беше даден осврт и презентација на европскиот проект „Потпри се на младите“

Врз основа на добиените предлози и гласови , Признанието ЖЕНА ЛАВИЦА за 2022 година го доби Весна Миладинва за нејзината истрајност, инспиративност, посветеност кон сите, хуманост и професиналност во сите полиња од животот.

Жените како Весна го прават животот подобар за сите

ЖЕНА ЛАВИЦА 2021

На 17.11.2021 се одржа онлајн трибина со цел да го одбележиме Меѓународниот ден на жените претприемачки WED и за ПРВ пат да прогласивме ЖЕНА ЛАВИЦА за 2021 година.

Ова признание ќе стане традиција во наредните години за нашето здружение.

На трибината говореа експерти од областа на женското претприемништво

Ирена Јакимова, професионален обучувач и коуч, со специјалност во јакнење на жените , која се осврна на женската енергија и потенцијал и како тие се искористат за креација и движење на бизнисот и

др, Љубиша Николовски кој има долгогодишно искуство во претприемнишвото и кој покрај другото ги потенцираше различностите на женското и машкото лидерство кое се повеќе станува еднополова професија.

„ ЖЕНА ЛАВИЦА “ прогласена е потпреседателката на ЗЖМ Елит

Мр. Мирјана Марковска– жена НАЈ-лидерка, која дава огромен придонес за јакнење на женското претпремништво и женското лидерствто, висок професиналец и неуморен борец во животот

ПРОЕКТ:

 Зголемување на бројот на жени на одлучувачки позиции во Управни и Надзорни одбори во приватните компании во Република Македонија

Овој проект отпочна во декември 2017 година и финансиски е поддржан од Министерството за економија на Република Македонија  во рамките на Програмата за конкурентност,иновации и претприемништво за 2017 година.

Во рамките на овој проект  предвидено е одржување на јавни трибини во три општини: Гостивар, Штип и Скопје.

Цели на проектот

  • Зголемување на свесноста на раководите структури на  компаниите за потребата од поголема вклученост на жените во управувачките одбори
  • Mерење на интересот на компаниите за поголема  застапеност на жените на одлучувачки позиции
  • Дејствување врз основа на определбата за начинот со кои би се зголемил на бројот на жените во управните и надзорните  одбори во компаниите

Трибина во Гостивар

Во организација на Здружението на жени менаџери Елит и нашата координаторка за Гостивар, Гезиме Фејзи на 13.02.2018 со почеток во 12 часот во хотел Игнација во Гостивар се одржа првата трибина предвидена во овој проект. На трибината беа присутни претставници од раководните структури на компаниите, женски здруженија, женски претпиемачи и претставници од локалната самоуправа.

На трибината Претседателката на Елит, Угриновска Ленка се осврна за состојбата на жените во деловниот свет во нашата земја, за родовиот дисбаланс во бизнисот и ги објасни целите и активностите на проектот.Во македонските компании е потребно да се зголеми учеството на жените на раководни позиции во управните и надзорните структури бидејќи е на нездоволнително ниво – заклучи таа.

Говорничките од Гостивар, Гезиме Фејзи Управител на ДПТУ Касеифицио Цесарина и Мр. Фармацефт Мерита Исмаили Управител на ПЗУ Фармација Плус со своите успешни мотивирачки деловни говори ги охрабрија присутните жени претприемачки да отпочнат својата деловна приказна и се нафатат на одлучувачки позиции во компаниите

Дискусијата беше динамична во која присутните ги раскажаа своите искуства и предизвици во својата професионална работа како и за начинот како да се постигне поголем број жени на раководни позиции. Нашата Потпреседателка Мр. Мирјана Марковска даде објанување за прашалникот кој потоа сите присутни го потполнија и од кој треба да се добијат саканите податоци кои ќе ги дефинираат крајните проектни цели. Резултатите ќе бидат објавени по одржувањето на последната трибина во Скопје.

Трибина во Штип

 На 16.02.2018 се одржа нашата втора трибина во рамките на овој проект. Координаторка на оваа трибина беше Весна Миладинова која е една од оснивачите на здружението Елит и финансиски менаџер на МК Албатрос ДОО Штип. На трибината  беа присутни претставници од раководните структури на компаниите, женски здруженија,  женски претприемачи и претставници од локалната самоуправа. Имавме присутни претприемачки од Гостивар и Кочани.

 Нашата Потпреседателка Мр. Мирјана Марковска на почетокот од трибината го претстви нашето здружение пред присутните и нашите досегашни програмски активности.

Претседателката  Угриновска Ленка во своето излагање  ја објасни причината за отпочнување на овој проект и крајната проектна  цел. Родовиот дисбаланс во бизнисот постои и покрај тоа што законската регулатива гарантира еднаквост во сите сфери на општествениот живот. Ние треба да ги следиме добрите светски практики каде во голема мера се надминува оваа појава-истакна таа.Најаките економски земји во Европската Унија со воведување системски мерки го зголемија учеството на жените на раководни позиции во управувачките структури во компаните.

Весна Миладинова и Лидија Симонова Трајчева  беа говорнички на трибината и тие ги раскажаа сите предизвици и проблеми  со кои се соочувале  во текот на градењето на своите успешни компании  и нивната упорност и храброст во професијата. Се  создаде интерактивна атмосфера на трибината и повеќето жени претприемачки се вклучија и ги индетификуваа тешкотиите во својата работа атмосфера .

Од дискусијата произлезе фактот дека жените се моќни и имаат капацитет да бидат на ракодни позиции во компаниите.

Потпреседателка Мр. Мирјана Марковска даде објанување за Прашалникот кој претставува основна алатка за согледување на моменталната состојба во компаниите за учеството начените во управувашките структури ,како и за  нашите идни активности од овој проект. На крајот, сите присутни го потполнија Прашалникот  од кој треба да се добијат саканите податоци  кои ќе ги дефинираат крајните цели на проектот. Резултатите ќе бидат објавени по одржувањето на последната трибина во Скопје.

Трибина во Скопје

Во рамки на проектот “Зголемување на бројот на жени во управните и надзорните одбори во приватните компании во РМ” кој е финансиски поддржан од Министерството за Економија, се оддржа последната и крајна трибина во Скопје. Потпреседателката на здружението М-р. Мирјана Марковска говореше за здружението и неговите цели, додека за заклучокот од предходните трибини и целите и активностите на проектот говореше претседателката на ЕЛИТ г-ѓа Ленка Угриновска. На трибината во Скопје мотивациски говори, односно лични искуства споделија Д-р. Маја Штериова – главна финансова директорка на Комерцијална банка и Членка на управниот одбор, г-ин Зоран Витанов – претприемач и консултант, како и Коспоственичката и Управителка на Комфи Ангел ДОО – Прилеп, Ирена Јакимовска. Како и секоја успешна трибина па така и оваа заврши со вмрежување на сите присутни. Преку слики ви претставуваме дел од атмосферата на трибината во Скопје.

Во рамки на проектот “Зголемување на бројот на жени во управните и надзорните одбори во приватните компании во РМ” кој е финансиски поддржан од Министерството за Економија се направи анализа и истражување врз база на пополнетите анкетни листови од страна на учесниците на трибините. Резулататите може да ги видите на следниот линк:

Истражување

Collage